Славица Јанешлиева (1973) е визуелна уметница со изразен мултимедијален и интермедијален пристап. По образование е графичар, но нејзиниот препознатлив исказ и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми: графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (28 самостојни изложби и над 270 групни изложби).  Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјата и странство. Живее и работи во Скопје, како редовен професор на Катедра по графика на Факултетот за ликовни уметности (УКИМ).

1996 – Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски.

1998 –  Магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Димитар Малиданов, на област графика.

2018 – Докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, под менторство на проф. д-р Владимир Мартиновски, на Катедра за компаративни студии, на тема „Интермедијалните транспозиции на книжевните дела во женското ликовно писмо кон крајот на 20-от и во 21-от век“.