„ПЛЕТЕЊАТА и како концепт и како модус“, кон најновиот проект на  Славица Јанешлиева

Пишува: Ана Франговска, историчар на уметност

Славица Јанешлиева е авторка која кон уметноста која ја создава пристапува со искреност. Таа е дел од нејзината интима, од нејзината лична архива, од фамилијарните наративи, од нејзиниот микро космос чија аналогија или контекстуализација не останува само и единствено во рамки на интимното, туку станува и концепт кој се овоплотува во општественото милје, кој допира социјално-политички аспекти, историја, филозофија, метафизика. Нејзина алатка е линијата, нејзин медиум е графиката и оние сродни на неа, иако и мултимедијалноста не и е далечна воопшто, а елементот на женскоста, или феминистичката перспектива е присутна постојано или во постојаното „дружење“ со традиционалните мантрични занаети на шиење, плетење, кроење, везење, хеклање или во повеќеслојното феминистичко толкување на наративите кои ги применува.

Најновите цртежи, колажи, фото (дигитални) колажи на Јанешлиева се исто така одблесоци или рефлексии на периодот и моментот кој го живее сега. Доколку не ја познавате лично и интимно, можете само да ги анализирате визуелно или ликовно нејзините дела, но доколку ги знаете нејзините индивидуални доживеалици, тогаш покрај визуелноста ја согледувате и секоја нејзина воздишка, солза, кавга, задоволство, дилема, загатка која си ја задала, траума, среќа, трансформација, себеспознавање, разочарување, ослободување, затворање… Нејзините дела се претвораат во еден моќен визуелен дневник кој ве поместува од конфорната зона и ве тера на размисла. Нејзините дела не се едноставни приказни или асоцијации достапни за секого. Тие се визуелни дела кои ја ранат ненаситната душа за квалитетни уметнички созвучја, своевиден визуелен ребус кој треба да биде одгатнат, но се и одличен „роман“ за сите сладокусци кои го знаат и го споделуваат и „медот и крвта“ на нејзиниот микросвет.

Како што веќе нагласив, Јанешлиева е мајстор на линијата. Таа мошне вешто ја користи создавајќи префинети, минуциозни цртежи. На нејзините визуелни созвучја во комбинирани техники и колажно – објектни комбинаторики се предадени реалистички (фотореалистички) мравки, полжави, пајаци, пеперутки, птици, детелини… кои во некој „меѓуслој“ го „ткаат“ визуелниот паноптикум заедно со индустрискиот линеарен шнит од некоја бурда, како контратежи на рачното и индустриското, како акцентирање на мануелниот придонес, како асоцијации и синоними за вредност, за плетење на сопствен дом, за создавање и заштита во сопствениот дом, како трансформација и менување, како чувство на левитирање или ослободување…

Шнитовите за кроење и шнитовите за везење, некои користени како реди мејди, а некои пресликувани со рака, се визуелна шара, но и асоцијација, дизајн, орнаментика, трага, реминисценција од едно време, од времето на мајките, бабите кои асоцираат на убави спомени, на топлина, на дом, на гнездо, припадност, потекло… Тие се подлога, темел, но и интрузија, гравирање, белег. Од друга страна тие имаат и свое преносно значење, а тоа е значењето или улогата на кроење на животот, индивидуален или колективен!

Водата за Јанешлиева игра голема улога. Таа е своевиден чин на прочистување, во буквална или преносна смисла, но духовното чистење, шировите, длабочините, сами по себе имаат симболика на слобода, на воздух, на живот. На цртежите е присутна водата преку мориња, големи водени површини, разбранувани, немирни, пеновити, но и преку најмалите нејзини честички, како капки, дождови, солзи, и тие како своевидно намалување на притисокот, олеснување, прочистување. Плаветнилото на синото (како вода или небо) само по себе е ослободувачко, оптимистичко, радосно. Најмногу во овие цртежи Јанешлиева игра со контрастот на цртежот како линија и бојата како површина.

Цртежите, колажите-објекти и дигиталните колажи (сработени со лични фотографии на Јанешлиева),  укажуваат на потребата од мултиконтекстуалност, од преплетување и визуелна игра. Елементот на реди мејд веќе и го споменав, тој опстојува како своевидна трага на нечие постоње, како опонентност на реалноста и имагинацијата, како одлична корелација на дво и тродимензионалната линеарност и подигрување со оптикалноста (шнитови, шпенадли, ластичиња за коса). Дводимензионалноста и тродимензионалноста формираат концептуална линеарна структура со своја контекстуална аналогија. А до поголема ефектност на оваа игра придонесува и примената на слоевитост и мултифокалност, како и акцентирањето на улогата на сенките. Јанешлиева тоа го изведува со начинот на презентирање на цртежите во повеќе слоја, со примена на транспарентност во слоевите и дистанционо врамување или пакување на самите, веќе, објектни визуелни решенија, чија финална ефектуација е едно комплексно уметничко дело кое еманира мултиконцептуалност и мултимедијалност.

Оттука, како финално согледување сакам да апострофирам дека преку својот визуелен ангажман Јанешлиева од општото оди кон посебното, кон самоспознавањето на самата себе си, или пак обратно самоспознавајќи се себе си го спознава се повеќе и подетално и светот околу себе!? Неважно кој е процесот, или која е насоката на инспиративноста, финалниот резултат е едно одлично осмислено и реализирано уметничко дело кое е повеќеслојно, повеќезначно, повеќемедијално, но пред сѐ искрено,впечатливо и длабоко.